МАТЕЈ ПЕТРОВ ПОБЕДИ НА НАТПРЕВАРОТ ВО СЛЕМ ПОЕЗИЈА ВО ПРИЛЕП, ЌЕ ОДИ НА ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Матеј Петров е победник на годинашното издание на Слем поетри Македонија, кое по 14. пат се одржа во Прилеп. Тој пред публиката настапи со песните „Слика“ и „Преку леб, погача“.

Со минимална разлика во гласови во однос на победникот, второто место го освои Виктор Спасески од Прилеп, а третото го поделија четири учеснички. Петров следната година ќе биде претставник на Македонија на Европското слем првенство.

На годинашниот натпревар се претставија дваесетина учесници, кои настапија со свои поетски и прозни дела.

Слем поетри Македонија досега има испратено деветмина претставници на Европското слем првенство, како и двајца на Светското слем првенство. На годинашниот Европски поетски слем, кој ќе се одржи во Кошице, Словачка, ќе настапи Миланчо Пендев од Кавадарци.