СО ПРЕТСТАВАТА „ПИНОКИО“ ПОЧНУВА ФЕСТИВАЛОТ ЗА ДЕЦА „СИЛЈАН ШТРКОТ“ ВО ПРИЛЕП

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Седмото издание на театарскиот фестивал за деца „Силјан Штркот“ ќе се одржи од 18 до 25 септември во Прилеп.

Фестивалот ќе биде отворен на 18 септември во 12 часот со претставата „Пинокио“ на Народниот театар од Битола, по текстот на Карло Колоди и во режија на Деан Дамјановски.

Главната улога ја игра Никола Стефанов, а играат и Валентина Грамосли, Марјан Георгиевски, Јулијана Мирчевска, Маја Андоновска-Илијевски, Катерина Аневска-Дранговска и Александар Димитровски, како и деца од театарската школа „Бабец“.

Композитор е Марјан Неќак, сценографијата е на Сергеј Светозарев, костимографијата на Андреј Ѓоргиевски, а маските ги изработи Сара Милевска.

Фестивалот има за цел преку театарот да ги поттикне детската фантазија и интересот за културата уште од најрана возраст. Организатор е здружението „Мал театар“ од Прилеп, со поддршка од Општина Прилеп и Министерството за култура и туризам и во соработка со Центарот за култура „Марко Цепенков“, каде што ќе се игра најголемиот дел од претставите.