„МЕЈД ИН МАСЕДОНИА“ СО КЛАРИНЕТИСТОТ АНГЕЛОВ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Првиот кларинетист на Македонската филхармонија, Здравко Ангелов, е солист на вечерашниот концерт од 20 часот, насловен „Мејд ин Маседониа“.

Под диригентство на Борјан Цанев, Ангелов ќе го изведе Концертот за кларинет и оркестар бр. 1 од Лудвиг Шпор. На програмата се и делото „Лет“ од австралискиот композитор со македонско потекло Мајкл Бакрнчев, како и познатата Симфонија бр. 41 „Јупитер“ од Моцарт.

Ангелов, како што велат од Филхармонијата, е еден од најистакнатите македонски кларинетисти, кој 11 години е дел од оркестарот.

Своето музичко образование го започнал на седумгодишна возраст, а магистрирал во 2012 година во класата на Димов на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Настапува како солист со симфониски оркестри во нашата држава и надвор од неа, но и како камерен музичар, а воедно е постојан член на Камерниот ансамбл „Консонанс“.