ВАРШАВА ГО ОТВОРИ НОВИОТ МУЗЕЈ НА СОВРЕМЕНАТА УМЕТНОСТ, ВО КОЈ ВЛОЖИ 160 МИЛИОНИ ЕВРА

Варшава, (Јуроњуз)

Во Варшава се отвори новиот музеј на современата уметност и пред посетителите да ги видат изложените дела внатре, самата зграда остава впечаток дека ќе биде нов културен центар на Полска.

Дизајниран од американскиот архитект Томас Фајфер, Музејот на современата уметност во Варшава е минималистичка светла структура која треба да биде симбол на отвореноста и толеранцијата, додека градот се обидува да се ослободи од своето комунистичко наследство.

Целосното отворање ќе биде во февруари (Фото: АП)

Сместен во центарот на градот, музејот се наоѓа близу Палатата на културата и науката, импресивна кула од советското време и втора највисока зграда во Полска, во однос на која претставува голем контраст.

„Ова е историски момент за градот. Проектот, кој подоцна ќе вклучи и театар, ќе помогне да се создаде нов лик на центар на градот во кој веќе нема да доминира комунистички симбол. Вакво нешто не беше изградено во Варшава со децении“, изјави на отворањето градоначалникот на Варшава, Рафал Тжасковски.

Дизајниран е од американскиот архитект Томас Фајфер (Фото: АП)

Работата на музејот почнала пред десет години и градот вложил 160 милиони евра во проектот. Во него ќе бидат изложени до 2.500 дела, а целосното отворање ќе биде во февруари.

(Фото: АП)