Со изложбата на акварели насловена „Флора“, тетовската уметница Ивана Настески го одбележа јубилејот 20 години од нејзината прва самостојна изложба. Таа се претстави со 31 акварел на тема цвеќе, изработени за период од три години.
Како што вели авторката, темата не е случајно избрана, бидејќи цвеќето е нешто што секојдневно ја опкружува, а изборот на сликарската техника акварел овозможува убавината на цветовите да ја добие својата вистинска уметничка вредност.
„Овие цветови кои ги насликав најчесто се наоѓаа во моето ателје. Тие навистина постоеја и јас сакав не само да ги гледам и да им се восхитувам, туку и во тој нивни мал универзум да наоѓам друг универзум“, вели Настески.
Изложбата е отворена во фоајето на Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ во Тетово.
З. АНДОНОВ