На 8 ноември во Македонскиот народен театар (МНТ) ќе има праизведба на драмскиот текст „Марта Верина“ од Драгана Лукан-Николоски, во режија на Нина Николиќ. Ова е копродукција помеѓу „Перипетија продукција“ и МНТ, во соработка со Фондацијата „Ацо Шопов“.
Од продукцијата велат дека „Марта Верина“ е првенствено приказна за жена која истовремено е херој и антихерој.
„Жена која поради своите ‘погрешни’ избори не му припаѓа на општеството во кое живее и која засекогаш мора да живее со товарот на ‘грешката’ што ја направила. Претставата всушност сака да отвори клучни прашања за тоа колку е присутна стигматизацијата во општеството и времето во кои живееме, ставајќи го гледачот во позиција на воајер кој бесрамно гледа, суди и пресудува за нечии животни постапки. Инспириран од поезијата на Ацо Шопов, текстот анатомски ги расчленува меѓучовечките односи, давајќи детална слика за тоа како постапките на родителите влијаат врз нивните деца и како ‘жртвите’ кои тие се подготвени да ги поднесат се покажуваат како погрешен избор“, велат од „Перипетија“.
Во претставата играат Дарја Ризова, Григор Јовановски, Благој Веселинов, Билјана Драгиќевиќ-Пројковска, Амернис Нокшиќи, Софија Насевска-Трифуновска и Саша Ханџиќ. Сценографијата е на Илина Ангеловска, костимите на Ивана Каранфиловски-Угуровска, музиката на Оливер Митковски и Андреја Салпе, а дизајнот на постерот на Сара Митова.
Како дел од проектот е објавена книга, чија промоција ќе биде одржана во склоп на премиерата.