Д ФЕСТИВАЛ ГИ НАЈАВИ ТРАЈКОСКИ, БОЈАЏИЕВ И „ПАЛИНДРОМ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Горан Трајкоски, Дуке Бојаџиев и „Палиндром“ се меѓу првите артисти кои „Пасворд продукција“ ги најави за годинашниот Д фестивал, кој ќе се одржи од 6 до 8 јули во Дојран.

На осмото издание на музичкиот фестивал ќе настапат повеќе од 100 изведувачи и гости во дополнителната програма.

Првиот ден на фестивалот (петок, 6 јули) е резервиран за настапот на композиторот, музичар и пејач Горан Трајкоски, кој на главната бина ќе го претстави својот нов албум „Тешкиот глас на новите химни“, објавен во декември.

За затворањето на фестивалот, „Пасворд “ го најавува настапот на македонскиот композитор Дуке Бојаџиев, кој од 2001 година живее и работи во Њујорк.

„По неколку години отсуство од клупската сцена и комплетна посветеност на музика за филм и на акустични настапи, Дуке доаѓа од Њујорк со нов електро-акустичен материјал под наслов „New York p.m.“, кој е фузија од неговата клупска и филмска музика. Материјалот ќе го изведе со електронски сет, во придружба на жичен квартет“, најавува организаторот.

Скопското инструментално трио „Палиндром“ ќе настапи на втората по големина фестивалска бина.

Од „Пасворд“ додаваат дека на сите продажни места на „МкТикетс“, како и преку нивниот сајт, веќе се спроведува акцијата „Ран корморан“, кадешто фестивалските (тридневни) билети се продаваат по цена од 600 и 650 денари.