ПРЕМИЕРА НА „СНЕГ“ НА БУЗАЛКОВСКА И НЕЗАВИСНИОТ ТЕАТАР „ШТРИХ“ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Денеска (12 ноември) и утре од 20 часот, во Денсинг салата во Младинскиот културен центар (МКЦ) премиерно ќе се изведе претставата „Снег“, во режија на Зоја Бузалковска, продукција на независниот театар „Штрих“. „Снег“ е дело на францускиот автор Максанс Фермин, а во себе ја содржи срцевината на јапонската култура во најширока општествена и историска смисла.

„’Снег’ зборува за себепотрагата и за љубовта. Го следи патот на младиот поет Јуко Акита до себеси и до боите во неговите снежнобели хаику стихови. На тоа необично патување Јуко открива прекрасна, љубовна историја, која засекогаш ќе го промени неговиот живот“, велат од продукцијата.

Во претставата играат Марјан Наумов, Томислав Давидовски, Александар Степанулески, Јана Лефкова, Ава Хусеини, Лазар Христов, Нела Павловска и Мартин Мазнев. Костимите се на Роза Трајчевска, сценографијата на Ненад Тонкин, а музиката на Давид Ангелевски.

(Фото: Фејсбук)