Је Кункун платила 398 јуани (околу 52 евра) за специјално ладно кафе во рурално кафуле во југоисточна Кина. Тоа не е обична цена и ова не е обично кафуле.
Таму, најдоброто седиште е дрвена клупа поставена 70 метри над морето со неверојатен поглед на брегот. Триесетгодишната Је се спуштила од карпата од 130 метри по заштитена алпинистичка патека виа ферата, додека ја водел тренер.
„На почетокот се исплашив кога ја видов карпата веднаш пред мене. Но, мојот страв исчезна штом тренерот отиде прв и ме поведе“, кажа Је.
Ѝ требале 30 минути да стигне до местото, каде што на карпата стои натпис „Гуши Клиф кафе“. Кафулето е именувано по селото Гуши што се наоѓа во близина.
Пакетот вклучува осигурување, изнајмување заштитна опрема, кафе од термос, водич и уникатно искуство за снимање за време на 80-минутната авантура.
Кафулето, кое беше отворено на 1 октомври, предизвика бум на кинеските социјални мрежи, бидејќи гостите авантуристи како Је ги споделуваат своите адреналински искуства објавувајќи возбудливи слики.
„Дефинитивно нема да се обидам дури и ако ми платите“, напиша еден Кинез во коментар на социјалните мрежи.
Иако мислењата се измешани на интернет, во ова кафуле постојано се собираат оние кои бараат возбуда. Сјуе Ке, сопственик на кафулето, за Си-Ен-Ен рече дека примаат околу 50 посетители во работните денови и двојно повеќе за викендите. Планинарите треба да резервираат еден ден однапред.