РЕВИЈА НА МАКЕДОНСКИ ФИЛМОВИ ОД 14 ДО 16 НОЕМВРИ ВО БЕЛГРАД

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Во културниот центар „Параброд“ во Белград, од 14 до 16 ноември ќе се одржува Српска ревија на македонски филм, која ќе има три дела: филмски, музички и културно-деловен сегмент. Филмскиот дел вклучува документарни, краткометражни и долгометражни играни филмови, како и македонски класици (во соработка со Кинотеката на Македонија) и филмски весници (во соработка со Филмске новости на Србија). Ќе се претстават досега необјавени архивски материјали од Филмске новости, кои ќе прикажат сегменти од животот во Македонија.

Фестивалот го отвора документарениот филм „Медена земја“ на режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска, кој имаше две номинации за Оскар. Проекцијата ќе биде проследена со разговор со Котевска.

Ќе се прикажат и „Дае“ на Столе Попов, „Северен Пол“ на Марија Апчевска, „Бубачки“ на Игор Иванов-Изи, „Тетовирање“ на Попов, „Човек со чудна навика…“ на Вардан Тозија, „Елена“ на Дина Дума, „Ливада“ на Митко Панов и „Панкот не е мртов“ на Владимир Блажевски.

Во музичкиот дел ќе настапат Бранислав Николов и композиторот Игор Василев Новоградска, познат по својата соработка со Милчо Манчевски.

Ревијата е во организација на продуцентските куќи „Филмоскопија“ од Србија и „Нест продукција“ од Македонија.