Пред многубројна публика во Македонскиот културно-информативен центар во Загреб, музичкиот публицист Тошо Филиповски одржа аудио-визуелно предавање „Историја на македонската рок музика“. Се одржа и изложба посветена на домашната рок-сцена.
Преку ретки фотографии, архивски видеоснимки и музички записи, Филиповски го претстави развојот на македонската рок-музика од 1960-тите години до денес. На настанот присуствуваа претставници на дипломатскиот кор, институции и бројна публика.
Директорката на КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, рече дека долгогодишната работа на Филиповски е непроценлив придонес во зачувувањето на македонското музичко наследство. Македонскиот амбасадор во Хрватска, Драган Ѓурчевски, ја истакна улогата на КИЦ во промоцијата на македонската култура и јакнењето на културните врски меѓу Македонија и Хрватска.
Филиповски е автор на повеќе капитални изданија, меѓу кои „Македонска рок енциклопедија 1963-2018“, „Македонска дискографија – винили“, „Македонски рок времеплов“, монографиите за „Мизар“ и „Суперхикс“, како и биографијата „ГОТРА“.
По Загреб, неговата аудио-визуелна презентација продолжува во Ријека, Пула, Сплит и Дубровник.