ОДРЖАВМЕ ЕМОТИВЕН КОНЦЕРТ ЗА 75. РОДЕНДЕН НА АКАДЕМСКИОТ ХОР „МИРЧЕ АЦЕВ“, ВЕЛИ ДИРИГЕНТКАТА ЈАСМИНА ЃОРЃЕСКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Академскиот хор „Мирче Ацев“ го прослави својот 75-годишен јубилеј со концерт во Филхармонијата, за кој диригентката Јасмина Ѓорѓеска кажа дека било емотивно навраќање на репертоарот со кој освојувале награди низ Европа.

„Хорот го прослави и одбележа овој јубилеј со повеќе настапи и концерти во земјава и странство оваа година. Во јули го освоивме првото место на Светскиот хорски фестивал во европската лулка на уметноста и музиката Виена. Јубилејот се заокружи со самостоен концерт од еден и пол час во Филхармонијата. Јас со овој хор работам 10 години, па така со овој значаен настан го прославив и мојот јубилеј. Заедно имаме освоено 13 меѓународни награди, па затоа како програма на овој концерт ги одбрав композициите со кои ги освоивме наградите, како и композиции по кои овој хор е препознатлив во изминатиов децениски период“, вели Ѓорѓеска.

Фото: И. Метеори

На концертот насловен „Хорска љубов“, освен сегашните членови, учествуваа и многумина соработници, истакнати музичари и поранешни членови на хорот.

Фото: И. Метеори

„Доживувањето и за публиката и за нас беше неверојатно, исполнето со многу емоции, радост и интеракција, а за тоа сведочеа и бурните аплаузи на вљубениците во хорската уметност, кои до последно седиште ја исполнија салата. На концертот се доделија благодарници на нашите редовни соработници, музичари и хористи со над 20-годишно членување во овој хор“, додава Ѓорѓеска.

На 17 декември, хорот ќе одржи уште еден концерт, заедно со фолклорниот ансамбл при АКУД „Мирче Ацев“ во Операта.

М. ЏАРОВСКА