За петтиот роденден на хитот „Уште ми фалиш“, продуцентот Александар Митевски и актерот Драган Спасов-Дац направија нова, женска верзија на песната која ја пеат 32 познати жени од различни професии. Ја промовираа на симболичен начин, на Денот на ослободување на Скопје.
„13 ноември е датумот кога жените го освоија Скопје со љубов“, велат Дац и Александар.
„Идејата за ова дојде кога се приближи јубилејот пет години од излегувањето на оригиналната песна. Си рековме со Дац: ‘Замисли да направиме навистина женска варијанта на песнава’, па се зафативме со работа цел месец и ја реализиравме. Инаку, идејата тлееше уште оттогаш, кога пријателката Јасмина Кантарџиева ни рече: ‘Зошто само мажи сте се собрале, ќе се собереме ние жени и ќе ви снимиме спот на клупа во парк’. Но, сакавме да одлежи песната, да влезе во срцата на сите и да го направиме тоа како што треба“, ни рече Александар Митевски.
Песната е посветена на женската публика на дуото Дац и Александар, која, како што велат, е присутна во голем број на нивните настапи во првите редови.
„Во спотот учествуваат 32 маркантни дами од различни бранши, а можеа да влезат уште петпати толку, но го правевме спотот идентичен и поделен по стихови. Се изборивме наместо 30 мажи сега да има 32 жени, па дури е внимавано до детали да ја има и Дикси, женка германски овчар. Дац сврте 32 телефони од оној список што го направивме и на сите им ја објасни идејата и ја прифатија од прва. Сите беа договорени за 15 минути и тоа беше вистински рингишпил од емоции и дружење, кое траеше околу 12 часа во Драмскиот театар“, додава Митевски.
Ова е прв римејк на постоечки спот во Македонија во ваква варијанта. Митевски со музичката екипа комплетно ја пресвиреа песната за да одговара на женски тоналитет, а интересно е што Билјана Ѓошева го пее вокалот на Александар, а актерката Билјана Драгичевиќ-Пројковска е Дац во песната. Придружните вокали ги отпеаја Маја Гроздановска-Панчева и Вера Јанковиќ.
Хармоника свиреше професорката Зорица Каракутовска, а се појавуваат и Катерина Коцевска, Лејла Сабит, Живкица Каленикова, Љубица Сека Георгиевска-Исмаил, Ангелка Пеева-Лауренчиќ, Вера Мештеровиќ, Викторија Волак, Рисима Рисимкин, Виолета Томовска, Бедија Беговска, Дани Димитровска, Росана Сариќ-Тодоровска, Јелена Жугиќ, Александра Мијалкова, Берта Додевска, Индира Кастратовиќ, Катарина Илиевска-Силјановска, Татјана Алексиќ, Маја Мојсова-Мијовска, Ана Бунтеска, Марјана Станојковска, Бисера Чадловска, Јасмина Кантарџиева-Димков, Габриела Копачева, Гордана Нацева и Маја Стојчевска-Чапова.
На промоцијата, дуото ги повика сите мажи и жени од двете верзии да се запознаат и дружат и велат дека тоа беше една вистинска скопска, градска ноќ.
„На крајот сите заедно ја запеавме ‘Уште ми фалиш’ во еден глас. Водителка ни беше Вера Јанковиќ, која на оригинален начин ги претстави двете верзии“, вели Митевски.
Вера Јанковиќ кажа дека после толку верзии на песната отпеани од хорови, групи, мажи, жени, на италијански од тенорот Благој Нацоски и од стотици деца, песната веќе се сели во вечноста.
Дац и Александар најавија дека во декември ќе се посветат на создавање нова песна.
М. ЏАРОВСКА