ПРОМОВИРАНА КНИГА СО ИНТЕРВЈУА И ЛИКОВНИ КРИТИКИ ЗА ТВОРЕШТВОТО НА СЛИКАРОТ ПАВЛЕ КУЗМАНОВСКИ

Тетово, (СМАРТ СДК.МК)

Во рамките на одбележувањето на 80-годишнината од ослободувањето на Тетово се одржа промоција на книгата „Критиката за творештвото на Павле Кузмановски и интервјуа“. Во ова дело се собрани речиси сите ликовни критики за творештвото на Кузмановски и сите интервјуа кои ги дал за медиумите во период од 60 години.

„Ова за мене е голем настан бидејќи успеав да издадам книга која се однесува на 60 години од моето ликовно творештво, односно откако сум почнал да творам во сликарството, па до денес. За среќа, сите тие ликовни критичари и новинари кои пишувале за мене и за моето творештво давале позитивни критики, мислеле убаво и ми давале поттик за понатамошна работа. Јас од самиот почеток на моето ликовно творештво ги зачував тие написи, интервјуа и ликовни критики и сите тие се дел од оваа книга“, кажа академскиот сликар Павле Кузмановски.

Во рамките на промоцијата на книгата, Кузмановски се претстави и со изложба на дваесетина цртежи од неговиот најпознат ликовен циклус „Сведоци“, настанати оваа година.

Кузмановски е роден во 1939 во Тетово. Го завршил Школото за применета уметност во Скопје, а во 1966 дипломирал на Академијата за применети уметности во Белград. Досега приредил 50-ина самостојни изложби и учествувал на над 250 колективни изложби во земјава и во странство. Покрај бројните награди, во 2021 ја доби државната награда „11 Октомври“ за животно дело.

З. АНДОНОВ