Вечерва (5 ноември) во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ ќе биде промовирана книгата „На местото на настанот“ од новинарот Александар Видиновски.
За книгата, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе зборува промоторот Борислав Тноковски. Специјални гости ќе бидат музичарите Дуке Бојаџиев и Зарина Првасевда.

„Што значи да се биде новинар кога историјата се случува пред твоите очи? Ова не е само книга за големите вести и за драматичните моменти што ја исполнуваат новинарската хроника. Таа е и лична приказна за адреналинот, ризикот, стравот и професионалната одговорност, но и за созревањето на еден репортер, кој со години се обидувал да стигне што поблиску до вистината. Преку искуствата од терен, Видиновски открива што се случува зад објективот, во миговите кога новинарот мора брзо да реагира, да донесува одлуки и да ѝ остане доследен на својата професија“, стои во најавата за книгата.