Во скопската општина Кисела Вода заврши снимањето на дебитантскиот краткометражен филм на Ѓорѓи Лазов, „Мајка“. Во главните улоги се Наташа Петровиќ и Соња Михајлова, а играат и Слободанка Чичевска, Ивица Димитријевиќ и Јована Синадиноски.
Продуцент е Александар Арсовски, директор на фотографија е Никола Марковски, а мајстор на светло Сашко Стојановски-Меанџи. Костимите се на Жаклина Крстевска, сценограф на филмот е Дејан Ѓошевски, а шминката и фризурата на Стефанија Илиевски. Монтажер е Димитар Спирковски, а снимател на звук Горазд Радевски.
„Снимањето на ‘Мајка’ беше неверојатно искуство благодарение на посветената екипа и талентираните актери. Иако беше предизвикувачки да се заврши во краток временски рок, успеавме да ја доловиме емоцијата што ја посакувавме. Очекувам оваа приказна да допре до срцата на публиката и да предизвика емоции и размислувања за односите во едно семејство“, вели режисерот.
Филмот е поддржан од Агенцијата за филм, продукциската куќа „Скорпион филмс“ и „Волфганг и Доли и Мираж продукција“ од Хрватска. Премиерата се планира во текот на 2025.