Замок кој своевремено бил дом на белгискиот крал Леополд Втори се појави на пазарот со цена од 350 милиони евра (410 милиони долари), што го прави најскапа куќа на светот.
Вилата Ле Седр е изградена во 1830 година и се наоѓа на брегот на Сен-Жан-Кап-Фера во југоисточна Франција. Со големина од 1.672 квадратни метри, таа доминира на имотот од 14 хектари и нејзините простории се украсени со панели, обложени тавани, орнаменти и со раскошни лустери.
Според „Блумберг“, куќата располага со 14 соби, библиотека со околу 3.000 книги, како и со вредни теписи, уметнички дела и мебел.
Кралот Леополд ја купил вилата во 1904 година и го проширил нејзиниот имот. Портрет на негова љубовница сѐ уште виси во една од собите. Таа потоа неколкупати менувала сопственици, кои додавале по нешто свое.
Доколку биде продадена по бараната цена, таа ќе стане најскапата приватна резиденција во историјата, надминувајќи го рекордот на имотот Клампет во Бел Ер, Лос Анџелес, кој во август минатата година достигна вредност од 350 милиони долари.