Актерот Сашко Коцев беше забавен и весел водител на фестивалот „Златно славејче“ кој заврши сношти (23 ноември) во Македонскиот народен театар (МНТ). Коцев за првпат го води најстариот детски фестивал во Македонија кој годинава се одржува по 54 пат, а имаше вкупно 7 претстави.
Коцев се појави во мал автомобил со еден од хитовите на фестивалот „Сакам кола убава“ и во текот на сите најави правеше трикови кои ги развеселија децата, а ги советуваше и дека треба да се одговорни, да учат и да читаат книги.
Највпечатлив дел на вечерта беше гостувањето на Мијата со песната „Гуш и бац“, заедно со Денис Јанкуловски од Центарот за јавно здравје, познат како Денис Космонаутко. Мијата и Јанкуловски настапија со хорот на Славејчињата и со деца од разни инклузивни заедници, испраќајќи порака дека сите деца се исти и секој треба да му биде другар секому. Мијата се расплака за време на песната.
„Секое од ‘Славејчињата’ за рака имаше фатено другарче, дете со посебни потреби од разни инклузивни асоцијации и некои што Денис ги знае приватно преку здружението ‘Аутизам.мк. Ги поканивме и преку училишта и преку родителите на деца кои сметаа дека ќе можат да бидат на сцената“, ни рече кантавторката Мијата.
Специјални гости беа и дуото Дац и Александар кои носталгично потсетија на старите хитови на „Златно славејче“ .На фестивалот се испејаа повеќе детски песни на разни детски теми, а традиционално почна со „Градот убав пак ќе никне“. Музиката за овој хит ја напиша маестро Александар Џамбазов, еден од основачите на „Славејче“. а текстот е на песната на писателот Бошко Смаќоски. Џамбазов е автор и на песната „За сите деца“ со која завршува фестивалот, а текстот е на Васил Пујовски. Директор на фестивалот од 1994 е Бобан Јосифовски.
М. ЏАРОВСКА