ЕЛВИР МЕКИЌ СНИМИ ДУЕТ СО ПАЈАК, НЕГОВА ПРВА ПЕСНА ПО 10 ГОДИНИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Младиот трап пејач Христијан Настески-Пајак сними дует со поп-пејачот Елвир Мекиќ. Песната „Негде после два“ има сличен наслов со онаа која пред повеќе од 15 години ја испеа Мекиќ, „Некаде после два“.

Мекиќ со новиот дует се враќа на музичката сцена по десет години. Тој сега живее во Сараево со семејството и работи во претставништво на македонска винарија.

„Мислам дека направивме добар спој со кој ќе ја опфатиме постарата публика, а Пајак ја има помладата публика. Логично е децата кои имаат 15 години да не ме познаваат“, рече Мекиќ.

Автор на музиката е Пајак, текстот е на Елвир Мекиќ, а во песната има стихови и од неговите постари песни „Некаде после два“, „Армија“, „Слаба точка“ и други. Аранжманот, миксот и мастерингот се на Иван Јованов-Ивајо.

Спотот е во режија на Гордан Божиновски од „Урбан рекордс“.