ПЕЕМЕ ЗА НАШИТЕ ДЕЦА – СВЕТСКО ШОУ НА ЈОВАН ЈОВАНОВ И ЕЛВИР МЕКИЌ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Шоу по теркот на големите светски ѕвезди одржаа Јован Јованов и Елвир Мекиќ на заедничкиот концерт во арената „Борис Трајковски“, што беше камбек на дуото популарно во 2000-тите.

Актуелноста на хитовите на Мекиќ и Јованов и денес не е намалена. Повозрасните се сетија на времето кога скокале во клубови на „Магија “ или „Некаде после два“, а помладите играа на истите песни кои и денес се хитови на социјалните мрежи и на музичките платформи.

Адриан Гаџа и Врчак (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Јованов и Мекиќ се познати по тоа што секогаш ги следеле светските трендови, па таков беше и овој концерт, со врвно сценско шоу, танчари, кореографија и светло. На влезот, секој од публиката доби алка, која во одредено време светеше во различна боја, во склад со сценското светло. Концертот беше наречен „Сензација во бело“. Белата боја доминираше. откако публиката го испочитува правилото за облекување, па сите беа облечени во бело.

Целата публика беше во бело и секој доби алка која во одредено време светеше во неколку бои (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Речиси сите соработници со кои снимија дуети или на кои Јован Јованов им продуцираше песни дојдоа како гости. Ова беше и музички камбек на Адриан Гаџа и Врчак, кои по долго време се појавија на голема сцена. Целата публика гласно пееше кога тие заедно со Јован и Елвир ја пееја „Магија“, победничката песна на Макфест од 1998.

Тони Зен доминира на сцената кога и да се појави, а вчера нѐ потсети на два негови големи хита, „Скандал“ и „Интелект“, стари дваесетина години, како и на дуетот со Јован, „Итно ми требаш“. Убаво беше да се види и Маја Саздановска повторно на сцена во дуетите кои ја разиграа целата сала. Од Белград беа дојдени раперот Џус и пејачката Слаѓа Делибашиќ.

Јован Јованов и Маја Саздановска (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Новата трап ѕвезда Пајак е пријател и соработник со Елвир, Јован и неговиот брат, продуцентот Иван Јованов-Ивајо и нивна беше идејата за одржување на концертот. Пајак ги поздрави своите родители во публиката и помеѓу вресоците на тинејџерките најави албум, кој ќе излезе на 17 јуни.

„Нашите деца се тука, во публиката. Дарис дојде од Сараево, а Малеа од Канада. Сѐ што правевме овие 13 години, правевме за нив и понатаму ќе правиме сѐ за нив“, рече Мекиќ за неговиот син и за ќерката на Јованов.

Тој со сопругата и синот живее во Сараево, а Јованов во Онтарио во Канада.

Тони Зен собра многу аплаузи (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Еден од повпечатливите моменти на концертот беше песната „Лично твој“, која Мекиќ во 2008 година ја испеа со Гоце Арнаудов. Во чест на легендарниот фолк-пејач, Мекиќ го поздрави неговото семејство и додека на видеобим одеше спотот што го снимија заедно, тој му се заблагодари за сѐ што направил за македонската музика.

Концертот беше убав спој на модерното и носталгија по популарната македонската музика од крајот на 1990-тите и почетокот на 2000-тите. Настанот траеше речиси два часа и беше оригинално најавен на почетокот, со помош на вештачка интелигенција, а публиката побара бис на ист начин, со помош на гласовната асистентка Алекса.

М. ЏАРОВСКА