Промоција на млад музичар, концертна промоција на албум и две големи ѕвезди на блузот ќе бидат на програмата на петтото издание на Котон блуз фестивал, што ќе се одржи вечерва (28 ноември) во салата на културно-едукативниот центар „Лабораториум“ во Скопје, со почеток во 20 часот.
За разлика од лани, фестивалот има само една вечер, но организаторите велат дека ја има и најквалитетната програма досега.
Младиот блузер Михаило Митев и Алвин Јангблад Харт (фото), кој доаѓа специјално од Њу Орлеанс, ќе имаат соло настапи, најангажираниот домашен блуз бенд „Ин д муд“ ќе го промовира своето прво студиско издание во живо, а триото на австралискиот гитарист Роб Тоњони ќе свири во Скопје во рамките на својата европска турнеја.
Надвор од музичкиот дел, од 14 часот ќе се одржи гитарска работилница со Јани Павеза, а Игор Станоески-Иги Ман, кој исто така ќе промовира нов албум, ќе води ликовна колонија, на која ќе учествуваат седуммина уметници, кои ќе творат на самата бина.
Влезниците се по цена од 500 денари, а целиот приход ќе биде дониран.
Г. КОНЕВ