Сузана Спасовска ја препеа старата песна од Гоце Николовски „Има една земја“ во дует со поп-пејачот Александар Тарабунов. Новата верзија ќе се промовира на 7 декември на концертот „Македонијо во срце те носиме“ во Филхармонијата. Автор на музиката на песната е Григор Копров, а Гоце Николовски ја испеа во 1986 година, на албумот што го носи неговото име.
Николовски, кој во тоа време живеел во Ниш, пеел шлагери и бил дел од групата „Далтони“. Набрзо почнал да пее и народна музика и токму со Копров работел на албумот кој бил издаден за РТВ Словенија. Тоа бил неговиот прв фолк албум.
„Кога го побаравме Копров, беше изненаден што некој воопшто се сетил на оваа песна која одлично се вклопува во концептот на концертот“, велат организаторите „Скендеровски продукција“.
Освен „Има една земја“, ќе се пеат преработки на 12 народни песни со симфониски оркестар, со кој ќе диригира Сашо Татарчевски. Преработките и оркестрациите се на Николче Мицевски.
Сите пари од продажбата на билетите одат во хуманитарни цели. Водител ќе биде актерот Дејан Лилиќ, а ќе пеат Бојана Скендеровски, Миле Кузмановски, Сузана Спасовска, „ДНК“, Наум Петрески, Зуица Лазова, Александар Тарабунов, Мина Блажев, Андријана Јаневска, Марија Спасовска, Огнен Здравковски и Ламбе Алабаковски.