ТАТКО МИ ВАНЧО ОД РАДОСТ СЕ РАСПЛАКА КОГА МУ ЈА ПУШТИВ МОЈАТА ПРЕРАБОТКА НА НЕГОВАТА ПЕСНА „ПРВА ЉУБОВ“ ОД 1973, ВЕЛИ ПЕЈАЧОТ АЛЕКСАНДАР ТАРАБУНОВ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Кантавторот Александар Тарабунов – Тара ја промовираше новата верзија на песната „Прва љубов“, која во оригинал ја испеа неговиот татко Ванчо Тарабунов во 1973 на Скопскиот фестивал.

Идејата за преработката настанала додека Тарабунов преслушувал стари снимки од својот татко, и  кога ја открил песната, вели дека посакал да ѝ даде нов живот.

„Кога ја открив песната меѓу старите снимки на татко ми, веднаш почувствував дека има нешто безвременско во неа. Најголемата потврда дека сум ја донел вистинската одлука беше моментот кога му ја пуштив. Неговите солзи радосници ми значеа повеќе од кој било комплимент“, вели пејачот.

Ванчо Тарабунов во 1973 (Фото: Принтскрин)

Песната е објавена вчера (26 јули) на денот кога Скопје ја одбележува годишнината од катастрофалниот земјотрес во 1963 година, како музички омаж на градот и неговите спомени.

Видеоспотот, во режија на Зоран Стојановски-Зонде, комбинира архивски снимки од старо Скопје со кадри од денешниот град. Оригиналната музика и аранжман се на Драган Ѓаконовски-Шпато, текстот го напиша Благоја Стефановски, а новата преработка е на Александар Тарабунов и Роберт Билбилов. Придружните вокали ги отпеа Тамара Тодевска.