Незаборавна вечер со извонредна изведба на светски познатите хитови „Bamboleo“, „Volare“, „Jobi Joba“ и многу други приредија легендарниот музичар Маноло Гименез и бендот „Voice of the Gypsy Kings“ во Центарот за култура во Битола. Концертот, кој беше дел од Фестивалот на музика од светот, никого не остави рамнодушен во публиката.
Гименез, придружуван од пет гитари, повеќе од час и половина пееше и свиреше каталонска румба и фламенко, а публиката станата на нозе пееше, танцуваше и аплаудираше.
„Битола има прекрасна публика“, кажа Маноло на крајот на концертот.
Ова музичко патување беше можеби еден од најдобрите настапи во 16-те досегашни изданија на Фестивалот на музика од светот, на кој имаат гостувано врвни музичари.
Ж. ЗДРАВКОВСКА