Во интимна атмосфера, во малата сала на Филхармонијата, хрватскиот кантавтор Борис Новковиќ сношти (1 декември) одржа весел концерт пред главно женска публика.
„Вакви свирки најмногу сакам, кога сите можеме да се видиме, а вас да ве слушам како пеете повеќе од мене“, рече пејачот.
Новковиќ последно имал концерт во Скопје пред повеќе од 15 години, во Универзална сала. Тој е син на еден од најголемите хитмејкери во поп-музиката во поранешна Југославија, Ѓорѓе Новковиќ. Беше хрватски евровизиски претставник во 2005, а во 2006 ја компонираше евровизиската песна на Северина, „Моја штикла“. На крајот на декември ќе наполни 57 години, а кариерата ја започна кога имаше 19, во 1986 година. Тогаш го напиша и испеа неговиот најголем хит и денес, „Каде одат изгубените девојки“ (Куда иду изгубљене дјевојке), кај народот позната како „Тамара“. Оваа песна и многу други Новковиќ ги испеа заедно со публиката, која беше на нозе речиси целиот концерт со многу радост и енергија.
Гледајќи ги жените во публиката, главно родени во 1960-тите, 1970-тите и 1980-тите, пејачот кажа дека пишувал песни за многу женски имиња.
„Напишав песни за многу прекрасни женски имиња. За жал, не можев да ги опеам сите“, рече Новковиќ и додаде:
„Сите знаеме низ што поминавме изминативе неколку години. Оваа песна е за сите кои останавме тука и за сите кои си заминаа и нѐ чуваат од горе. Треба да сме тука еден за друг и во добро и во зло. Скопје, за вас сум тука и во добро и во зло“, кажа Новковиќ пред да ја испее „Во добро и зло“ (У добру и злу).
Иако според сет листата за бис имаше одредено една песна, тој испеа уште неколку, а публиката, извикувајќи го неговото име, го врати на уште еден поклон. Еден од дуетите кои ги испеа во кариерата е со Кемал Монтено, па хитот „Далеку“ (Далеко) го остави за крај. Концертот го организираше „Вајб продукција“.
М. ЏАРОВСКА