И СКОПЈЕ МОЖЕ ДА ЗВУЧИ КАКО СВЕТСКИТЕ МЕТРОПОЛИ, КАЖА СИМОН ТРПЧЕСКИ ПРЕД НОВОГОДИШНИОТ КОНЦЕРТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Симон Трпчески вели дека отсекогаш сакал да има поголем новогодишен концерт во Скопје, а желбата ќе му се исполни на 20 декември на настанот „Новогодишна музичка идила со Симон и пријателите“ во салата „Борис Трајковски“.

Македонскиот пијанист со светска слава денеска (2 декември) на прес-конференција во Скопје најави дека концертот ќе биде во повеќе делови, со повеќе негови пријатели како гости.

„Во првиот дел од концертот ќе свириме свита од балетот ‘Оревокршачка‘ на Чајковски со четирирачни изведувања на пијано. Гости ќе бидат балетските првенци Марија Кичевска и Бобан Ковачевски, заедно со ансамблот на Балетот. По паузата ќе имаме похоливудски репертоар. Ќе слушаме популарни песни во стилот на Дин Мартин, Френк Синатра, Мајкл Бубле. Гости ќе бидат оперските солисти Гонца Богоромова-Краповски и Иван Наумов. Ќе биде и мојот драг ансамбл ‘Македонисимо‘, а сите песни во поинакво руво ги аранжираше Панде Шахов. Ваквите концерти во светот не се новост, а мислам дека и во Скопје има потенцијал со нашите уметници да направиме свечена атмосфера“, кажа Трпчески.

Кристијан Стефановски, еден од сопствениците на продукцијата „Прагма“, која го организира концертот, рече дека во 15-годишната работа овој концерт им е најголемиот предизвик, а поради специфичноста на репертоарот, ќе работат со врвни инженери на звук и техника.

Трпчески деновиве има набиена агенда со настапи и рече дека семејната атмосфера, љубовта кон музиката и тоа што по природа е позитивен човек му даваат сила.

„Татко ми ме учеше дека животот е борба и не треба лесно да се откажувам. Ме мотивира убавата новогодишна атмосфера што ја имаме дома со семејството и со пријателите, а најмногу музиката“, рече Трпчески, откривајќи дека неостварена желба му е да свири во Северна Кореја и на Гренланд.

Најави дека на концертот ќе има светска премиера на една авторска композиција и уште неколку изненадувања и гости.

М. ЏАРОВСКА

Фото: Трпчески со водителот на прес-конференцијата Александар Блажевски и со организаторот на концертот Кристијан Стефановски (Фото: К. Попов)