На 24 декември во 12:30 часот, во Мала станица, објект на Националната галерија на Македонија, ќе се отвори изложбата „Инсекти“. Станува збор за инклузивен проект по повод Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби.
„Како и изминативе години, така и оваа, создаваме креативни проекти каде младите од повеќе скопски училишта, ученици со или без хендикеп, работеа заедно, односно создаваа уметност“, вели Маја Димитрова, едукаторка на проектот.
Во проектот беа вклучени гимназиите „Никола Карев“ и „Јосип Броз Тито“ и училиштето за деца со оштетен слух и говор „Партеније Зографски“.
„Оваа година како предизвик беше графиката како ликовно подрачје, техника сува игла. Децата имаа ретка и несекојдневна можност да научат нешто ново и тоа од тимот професори и асистенти од Факултет за ликовни уметности во Скопје. Тие прво учеа како со игла се реже цртежот, а потоа графиките да бидат испринтани во амбиентот на самиот факултет. Нивното графичко изразување беше на тема инсекти. Последните истражување се многу загрижувачки бидејќи покажуваат дека многу видови се во опаѓање, за што има многу причини, но климатските промени се јавуваат како главен фактор. Можеби сите не сакаат инсекти, но вистината е доколку тие исчезнат, тоа ќе предизвика еколошки хаос и исчезнување на храната за сите живи битија на нашата планета“, вели Димитрова.
На отворањето на изложбата музички настап ќе имаат учениците од гимназијата „Никола Карев“.