ВИКТОР МИТРЕВСКИ ДИРИГИРАШЕ ВО ОПЕРАТА ВО МАЛМЕ ВО НОВА ПОСТАВКА НА „ТАКА ПРАВАТ СИТЕ“

Скопје, (СМАРТ. СДК.МК)

Диригентот Виктор Митревски, кој живее и работи во Виена, на 8 и 10 јануари настапи како гостин во Операта во Малме, Шведска во новата поставка на една од најизведуваните опери од Моцарт, „Така прават сите“ (Cosi fan tutte). Претставата, според неговите соработници, доживеа голем успех во Малме, била поздравена со овации од публиката и добила позитивни критички осврти во шведските медиуми.

Оваа поставка на „Така прават сите“ носи поднаслов „Училиште за љубовници“ и претставува модерна и хумористична интерпретација на Моцартовото ремек-дело, чие дејствие се одвива во „Икеа“.

Фото: Фејсбук

Во оваа верзија, Алфонсо работи во „Икеа“, користејќи ја продавницата како сцена за својот клинички експеримент за трајноста на љубовта. Данската режисерка Катрин Видеман претходно ја постави оваа продукција во Осло.

Митревски ги започнал студиите по диригирање во класата на проф. Саша Николовски-Ѓумар на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Во 2016 ги завршил студиите по хорско диригирање на престижниот Универзитет за музика и применета уметност во Виена, во класата на Ервин Ортнер. Следната година дипломирал и оркестарско диригирање на истиот универзитет во класата на професорите Симеон Пиронков и Урош Лајовиц со концерт со Словачката филхармонија.

(Фото: Фејсбук)