ЕРЛИНГ ХОЛАНД ПОТПИША РЕКОРДНО ДОЛГ ДЕВЕТ И ПОЛГОДИШЕН ДОГОВОР СО МАНЧЕСТЕР СИТИ

Манчестер, (Би-Би-Си)

Норвешкиот голгетер Ерлинг Холанд потпиша долгорочен договор со Манчестер сити, според кој треба да остане во клубот до 2034 година.

Тој дојде од Борусија Дортмунд во 2022 и оттогаш постигна 111 голови на 126 натпревари. Неговиот претходен договор истекуваше во 2027.

Холанд ќе има 34 години ако остане во клубот до завршувањето на девет и полгодишниот договор.

„Навистина сум среќен што го потпишав мојот нов договор и што ќе поминам уште повеќе време во овој голем клуб. Манчестер сити е посебен клуб, полн со фантастични луѓе и неверојатни поддржувачи и е средина што помага да се извлече најдоброто од сите“, изјави Холанд.

Ова сега е најдолгиот договор во Премиерлигата, надминувајќи го деветгодишниот на Кол Палмер со Челзи.