Хрватскиот музичар Јулије Рељиќ, поранешен член на групата „Хаустор“, вели дека Гаро Тавитјан Јуниор е еден од најдобрите тапанари во светот. Рељиќ и Никола Сантро, уште еден поранешен член на бендот, ја пофалија соработката со Гаро Тавитјан и неговиот брат Диран во емисијата „Кај нас дома“ на Хрватската радио телевизија
„Тавитјан брадрс“ сними песна со легенди на ексју рокот, која спои неколку култни бендови. Во „Поле на чудата“ (Поље чудеса), која излезе во ноември, се обеднија Срѓан Гојковиќ-Гиле од „Електрични оргазам“, Дарко Рундек од „Хаустор“, Давор Гобац од „Психомодо поп“ и Бодан Арсовски од „Леб и сол“. Продуцент на песната е Диран Тавитјан, а музичарите снимаа под името „Култ клуб“.
„Браќата Тавитјан не ги познавав, го запознав постариот Гаро Тавитјан еднаш во Белград, кога свиревме повеќе бендови. Син му Гаро го запознав преку социјалните мрежи. Ми требаше добар тапанар и си реков: ‘Ајде да му се јавам на Гаро’. Но, и неговиот син се вика Гаро, тој ми одговори на пораката и се збунив. Но, тоа збунување го направи своето. Тоа момче е меѓу најдобрите тапанари во светот, официјално. И има брат Диран, кој е врвен клавијатурист. Диран во овој случај е продуцент на проектот“, кажа Рељиќ.
Новинарката рече дека генетиката прави чуда и дека Рељиќ и Сантро ја направиле песната во импресивно друштво.
„Рељиќ е познат како клавијатурист, автор и коаранжер на групата ‘Хаустор’ уште од самите почетоци во 1980-тите. Тој овој проект го нарече ‘Култ клуб Хаустор 88’. Ќе има уште синглови и ќе бидат објавени во иднина. За нас беше искрен предизвик да влеземе во еден нов музички свет заедно со овие легенди кои оставија голема трага во рок музиката“, кажа Гаро Тавитјан Јуниор.
Музиката ја напиша Рељиќ, кој е автор и на аранжманот и на текстот, заедно со Срѓан Сахер. Дарко Рундек е главен вокал во песната, покрај Давор Гобац и Даворин Боговиќ. Срѓан Гојковиќ-Гиле свири гитара и пее придружни вокали, Крешимир Ковачиќ свири ритам гитара, Бодан Арсовски е на бас, а Гаро Тавитјан Јуниор на тапани. Никола Сантро свири тромбон во песната, Дамир Капри-Кафка саксофон, а Игор Павлица труба.
Рељиќ кажа дека било најтешко да се наговори Рундек за соработка, но подоцна прифатил.
М. ЏАРОВСКА