Два хора од Бугарија ќе бидат гости на концертот посветен на Тоше Проески на 25 јануари, денот кога е роден, што ќе се одржи во Спомен-куќата „Тодор Проески“ во Крушево од 12 часот. Концертот е насловен „Ангел си ти,“, по песната која Тоше ја испеа на Евровизија во Истанбул во 2004.
Хитови од Тоше ќе пее вокалната формација „Оренда“, која е составена од 30 пејачи на возраст над 25 години.
„Ова е млад состав кој станува сè попопуларен. Тие се учесници на концерти со различни поводи“, вели Лефкија Гаџовска, директорката на Спомен-куќата.
Ќе пее и вокалниот состав „Графити“ со шестмина млади пејачи, добитници на награди на национални и меѓународни натпревари.
„Секоја година одбележувањето на неговиот роденден го започнуваме со крводарителска акција, со што ја истакнуваме хуманата страна на Тоше како млад човек, кој освен со бројни хуманитарни концерти, помагаше и со својата дарувана крв. Акцијата ќе трае од 9 до 16 часот, а точното време на раѓањето на Тоше, 11:15 часот, го одбележуваме со полагање цвеќе на неговото вечно почивалиште“, додава Гаџовска.
На концертот ќе настапи и младата пејачка Нела Манческа, која досега пеела на дваесетина натпревари и освоила неколку први места. Ќе пее и Дорис Димовска, која учи пеење кај Ана Дурловски и Андријана Јаневска и има освоено награди на повеќе интернационални фестивали. Ќе настапи и прилепската група „Локдаун“, која на своите настапи често свири песни од Тоше.
Со хоровите ќе диригира Аделина Колева, која изминативе 25 години изучува млади таленти.
М. ЏАРОВСКА