ВО ШПАНИЈА СЕ ПРЕСЕЛИВМЕ ЗА ДА СЕ ГРИЖИМЕ ЗА БЕЗДОМНИЦИТЕ, РЕЧЕ СОПРУГАТА НА РИЧАРД ГИР, АЛЕХАНДРА СИЛВА

САД, (Пипл)

Ричард Гир не жали што се пресели од Холивуд. Неколку месеци по преселбата во Шпанија со неговата сопруга Алехандра Силва, актерот зборуваше за тоа како живее таму.

„Ние сме посреќни од кога било. Таа е среќна затоа што е дома, а јас затоа што, ако таа е среќна, и јас сум среќен“, кажа Гир.

Двојката се запозна во 2014 и ги доби синовите Александер (5) и Џејмс (4). Од првиот брак Гир го има синот Хомер, а и неговата сопруга има син од првиот брак. Во САД живееја седум години.

„Ние сме сродни души. Имаме исти вредности, го гледаме светот на ист начин и од првиот момент се чувствувавме како да се познаваме долго време“, кажа Силва.

Во Шпанија со нив живеат и трите најмали деца.

„Ричард е многу посветен татко. Сака да им чита приказни и тоа изгледа како идилична фотографија, но тоа е вистина. Тој не готви. Јас го правам тоа, но кога готвам, тој свири гитара“, рече Силва.

Додаде дека причината поради која решиле да се преселат во Мадрид е хуманитарната работа.

„Сакавме да бидеме дел од одборот на невладината организација ‘Хогар Си‘. Сакаме да ѝ помогнеме на оваа земја да стави крај на бездомништвото. Нашата цел е во рок од пет години никој да не спие на улица“.
Гир цитираше изрека од Далај Лама: „Бидете љубезни секогаш кога можете. Секогаш е можно“.

„Мојата сопруга порасна во многу големо шпанско семејство. Нејзината баба беше еден вид лепак што го држеше семејството заедно, а таа почина пред околу две години. Можам да ја видам мојата сопруга како се претвора во баба ѝ“, рече Гир.

(Фото: Гети)