Ламбе Алабаковски ќе прослави 20 години на музичката сцена со концерт кој би требало да се одржи на крајот на летото или на почетокот на есента. Поп-пејачот за овој проект доби 408.000 денари од Министерството за култура на конкурсот за Годишната програма за култура за 2025.
Алабаковски во 2021 се врати од САД, каде што со семејството живееше шест години и има изјавено дека би сакал со концерт да прослави 20 години на сцената. Пејачот, кој сега живее во Битола, вели дека сега ги договара деталите за концертот.
Со поддршка од Министерството за култура концерти ќе одржи и „Некст тајм“.
„Планирани се концерти во Охрид и Битола летово, со рок музика и со преработки на македонски народни песни“, ни рече менаџерот Дарко Манасијевски.
За концертот насловен „Мајка“, кој е посветен на татковината, „Некст тајм“ се поддржани со 280.000 денари, а за концертниот караван „По патот на сонцето“ добија 504.000 денари.
Музичарот Диран Тавитјан доби 600.000 денари за проектот „Македонско срце 3“. Гарабет Тавитјан и браќата Тавитјан претходно снимија два успешни албума „Македонското срце чука во 7/8“, на кој преработки на македонски народни песни испеаја македонски и регионални поп-ѕвезди.
Во делот на популарната музика, поддршка од 306.000 денари доби композиторот Кирил Џајковски за концерт на филмска музика. За концертот на шпанскиот тенор Пласидо Доминго, кој ќе се одржи на 14 март во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, фирмата „План А“ доби 600.000 денари.
„Скендеровски продукција“ доби 203.000 денари за концертот „Бесмртна“. Јубилеј ќе слави и фолк-пејачот Миле Кузмановски, кој преку „Роса продукција“ доби 178.500 денари. Исто толку пари добија и Петар Ренџов за концертна промоција на албумот „Самба нова“ на „Тумбао салса бенд“, „Меморија“ за акустичен концерт, „Фолтин“ за концерт во Прилеп, како и младата пејачка Дина Јашари за концерт.
М. ЏАРОВСКА
Фото: К. Попов