НЕМА ДА МОЖАМ ДА ПЕАМ МНОГУ НА ПОСЛЕДНИОТ КОНЦЕРТ НА „БЛЕК САБАТ“, КАЖА ТЕШКО БОЛНИОТ ОЗИ ОЗБОРН

Лондон, (Би-Би-Си)

Ози Озборн објави дека нема да може да настапи многу на последниот концерт на „Блек Сабат“, што ќе се одржи на 5 јули на стадионот „Вила парк“ во Бирмингем во рамките на хуманитарниот музички спектакл „Враќање на почетокот“. На овој концерт оригиналната постава на „Блек Сабат“ ќе се обедини за првпат по 20 години пауза, а ќе настапат и „Металика“, „Слеер“, „Пантера“, „Мастодон“, „Антракс“ и бројни гости.

Озборн, кој страда од Паркинсоновата болест поради што користи инвалидска количка, нема одржано целосен концерт од 2018.

„Не планирам да пеам цел концерт со ‘Сабат‘. Ќе пеам по малку, колку што можам“, изјави 76-годишната хеви метал легенда.

Тој вели дека прави сѐ што може за да се спреми за овој концерт.

„Се обидувам да застанам на нозе. Морам да балансирам, но не сум мртов. Сѐ уште активно правам работи“, рече Озборн.

Неговата сопруга и менаџерка Шерон Озборн неодамна кажа дека Ози има проблеми со одењето, но гласот сѐ уште му е одличен.

„Ози е многу среќен и емотивен што се враќа на сцена. Паркинсоновата болест е прогресивна болест, не е нешто што може да се стабилизира. Напаѓа различни делови од телото, па и нозете. Но, неговиот глас е добар како и секогаш“, откри таа.

(Фото: Гети)