ЗА ВАС СВИРАТ 24 СРЦА, РЕЧЕ АВСТРИСКИОТ ДИРИГЕНТ ЗИГИ ФАЈГЛ НА КОНЦЕРТОТ „КУБАНСКИ ОГАН“ НА ЏЕЗ ОРКЕСТАРОТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Богат концерт со афро-кубанска музика одржа Националниот џез оркестар (НЏО) сношти (20 февруари) во Филхармонијата. На настанот насловен „Кубански оган“ (Cuban Fire) диригираше Зиги Фајгл од Австрија.

Фасцинантно беше колку добра меморија има Фајгл. Ги знаеше имињата на сите 24 музичари од оркестарот сосе специјалните гости.

„Би требало барем трипати во годината да доаѓам во Скопје и да работам со овој фантастичен оркестар, кој многу го поддржувам. Тогаш уште подобро ќе ги изговарам имињата на музичарите“, рече диригентот од Австрија.

Концертот беше насловен по албумот на американскиот пијанист, композитор и аранжер Стен Кентон.

„Оваа композиција се вика ‘Три срца‘, а вечерва за вас свират 24 срца“, рече Фајгл.

Џезерите со многу љубов и страст отсвиреа дел од најзначајните композиции на Кентон, вклучувајќи го и албумот „Кубански оган“ како финале на убавиот концерт на кубанска и биг-бенд музика, кој беше поделен во седум дела. НЏО редовно одржува концерти со различен концепт и салата е секогаш полна, како што беше и вчера.

М. ЏАРОВСКА