ПО 14 ГОДИНИ ВО ДОЈРАН, Д ФЕСТИВАЛ СЕ СЕЛИ ВО ШТИП

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Д Фестивал, најголемиот летен фестивал во Македонија, од оваа година ќе се одржува на нова локација. По 14 години во Дојран, нов домаќин на фестивалот ќе биде Штип.

Фестивалот го промени и името, па отсега ќе се вика The Festival, што во игра на зборови ќе звучи исто – Д Фестивал.

По години магични изгрејсонца, музика под ѕвездите и слобода на брегот на Дојран, време е за ново поглавје. Полека и сигурно нашата Д заедница расте и како дете кое го напушта својот дом за да ги следи соништата, така и Д Фестивал тргнува по нов пат. Ова лето, за јубилејната 15-ка, нашиот фестивалски караван продолжува кон Штип, опкружени со планини и река, под Исарот“, објави организаторот „Пасворд продукција“.

Следното издание на фестивалот ќе се одржува од 4 до 6 јули.

(Фото: Фејсбук/Вондер Блек)