Симон Трпчески на концертите во Чикаго им ја посвети македонската народна песна „Не си го продавај Кољо чифликот“ на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
„Мојот бис во салата на Симфонискиот оркестар во Чикаго беше посветен на македонските млади кои ги загубија животите во пожарот во Кочани на 16 март. Нека почиваат во мир. Се надевам дека ова дело од Димитрије Бужаровски им дава утеха на оние што страдаат“, вели македонскиот пијанист со светска кариера.
Трпчески одржа три концерти со Симфонискиот оркестар на Чикаго на 20, 21 и 22 март, а диригираше Јакуб Хруша (фото).
„Концертот со Симфонискиот оркестар на Чикаго беше радосно враќање на пијанистот Симон Трпчески на сцената во салата на оркестарот со волшебната изведба на Првиот концерт за пијано на Рахмањинов. Оркестарот покажа и моќ и прецизност со диригиентот Хруша во воодушевувачката 11. симфонија на Шостакович“, објави Симфонискиот оркестар на Чикаго.
На 6 март Трпчески одржа концерт во Сантијаго, главниот град на Чиле, а на почетокот на април ќе се врати во виенскиот Музикферајн, каде што ќе биде солист на Тонкунстлер оркестарот со диригентот Доминго Хиндојан од Венецуела.
Фото: Т. Росенберг