ЈА ПРЕТСТАВИВМЕ МАКЕДОНСКАТА МУЗИКА ВО ГРАН КАНАРИЈА, ВЕЛАТ ОД КВАРТЕТОТ ТРОМБОНИ „МАКБРАС“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Квартетот тромбони од Скопје „Макбрас“ одржа настапи и предавања во Гран Канарија, Шпанија. Беа одржани три семинари, еден едукативен концерт за деца и предавање и концерт на Универзитетот во Лас Палмас.

Македонските музичари заминаа за Шпанија во соработка со композиторите на филмска музика Хектор Муњоз од Гран Канарија и Блажен Настевски, Македонец кој живее во Белгија.

„На семинарите учествуваа музичари од локални дувачки оркестри, а едукативната работилница се одржа во градинка во Каризал. Повеќе од 400 луѓе ги нашите настани, каде што беа разменети идеи за техниките на свирење на тромбон и туба и беа претставени македонската народна музика и нејзините традиционални ритмови и форми. Централен настан на ова гостување беше снимањето на авторската композиција ‘Вулканска свита’, која ја компониравме заедно со Хектор Муњоз и Блажен Настевски“, велат од квартетот.
Повеќе од 400 луѓе ги посетија семинарите и предавањето, каде беше претставена и македонската народна музика (Фото: Приватна архива)
Оваа суита е првото посветено дело на квартетот „Макбрас“ и е инспирирана од вулканите на Канарските Острови. Квартетот ја свиреше свитата на концертот што се одржа на 2 април во концертната сала на Универзитетот во Лас Палмас. Беа изведени и композиции од македонските автори Љубомир Бранѓолица и Горан Илиевски, како и од Сибелиус, Моцарт и други.
„Ова за нас беше посебно искуство, особено поради неверојатните почит и професионалност од страна на домаќинот и сите учесници во активностите. Веруваме дека новите познанства ќе продолжат да се развиваат и дека ќе се создадат можности за нови гостувања и соработки“, велат од квартетот, чии членови се Виктор Богевски, Никола Ристевски и Бранко Илиевски на тромбони и Александар Ниниќ на туба.
Ова гостување беше поддржано од Гете институтот и програмата „Culture Moves Europe” на „Креативна Европа“.