Охридскиот вински салон „Над езерото“ по третпат ќе се одржи на 22 август на летната сцена „Долни Сарај“, каде што на едно место ќе се претстават македонски винарии, дестилерии и локални производители на храна.
Настанот ќе трае од 18 часот до 1 часот по полноќ. Посетителите ќе имаат можност да дегустираат вина и вински дестилати, да се запознаат со домашните производители и да дознаат повеќе за македонската винска култура.
Покрај винариите и дестилериите, на винскиот салон ќе учествуваат и македонски локални производители на храна, претставници на „Слоу фуд“ и домашни млекари.
Музичкиот дел од вечерта ќе започне во 22 часот со настап на квартетот „Вичис бру“ (фото), во чиј состав се пејачката Искра Србиновска, клавијатуристот Филип Димишковски, Иван Бејков на контрабас и Павел Ренџов на тапани.
„Со влезницата се добива ваучер со кој на влезот се подигнува специјална чаша за вино, а во цената е вклучена неограничена дегустација на вино, вински дестилати и храна. Влезниците во претпродажба чинат 1.300 денари и може да се купат директно во летната бавча на ресторанот ‘Канео’. На денот на настанот влезниците ќе се продаваат на влезот по цена од 1.500 денари“, велат организаторите.