„ЦРНО СЕМЕ“ НА ЦЕНЕВСКИ ВЕЧЕРВА И УТРЕ ЌЕ ИГРА ВО БИТОЛСКОТО КИНО „БРАЌА МАНАКИ“

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва и утре (14 и 15 април) од 19 часот, во киното „Браќа Манаки“ во Битола ќе се прикаже култниот македонски филм „Црно семе” од 1971, по сценарио на Ташко Георгиевски и режисерот Кирил Ценевски (1943-2019). Ценевски за „Црно семе“ доби повеќе награди меѓу кои и Златна арена за режија на фестивалот во Пула, Златен венец за најуспешен деби, 11 Октомври, и е југословенски кандидат за Оскар таа година.

Во филмот нема музика, иако ја напишал композиторот Илија Пејовски. Конечното решение било на одјавната шпица да оди песната „Со маки сум се родила“. На една затворена проекција пред премиерата, Ценевски забележал дека некој во публиката заплакал и побарал да се исфрли музиката.

Во филмот играат Дарко Дамески, Ацо Јовановски, Ристо Шишков, Мите Грозданов, Ненад Милосављевиќ, Воја Мириќ, Павле Вуисиќ и Вукан Диневски. Влезниците за филмот се бесплатни.

Премиерата на претставата „Црно семе“ во Битолскиот театар е на 16 април и е целосно распродадена.

Ценевски, кој со години не се појавуваше во јавност и три децении не работел филм, е роден е во Крива Паланка, на 28 јануари 1943. Студирал на Архитектонско-градежниот факултет во Скопје. Со киноаматеризам се занимавал уште од студентските денови. Првпат на игран филм професионално е ангажиран како асистент на режисерот Љубиша Георгиевски во филмот„Цената на градот“ во 1970.

Ценевски е добитник на наградата Златен објектив за 2013 која Кинотеката ја доделува за исклучителен придонес во македонската кинематографија. Истата година беше првиот добитник и на наградата Големата ѕвезда на македонскиот филм, награда што ја воспостави Друштвото на филмските работници и ја доделува на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола.

„Со своите филмови Кирил Ценевски е бунтовник. Бунтовност насочена не кон човекот, ни кон луѓето, туку кон системите. Кон прагмите, кон конвенциите. Неговите филмови се отпор кон рамките на уметноста и животот“, рече филмскиот критичар Влатко Галевски во 2019 на промоцијата на ДВД изданието со „Црно семе“ (1971), „Јад“ (1975), „Oловна бригада“ (1980) и „Јазол“ (1985), а посебни додатоци има со избор на сцени, биофилмографија, автори и соработници, фотогалерија, содржина, резиме и извадоци од печат.

 

Ж. ЗДРАВКОВСКА