Oхридскиот пливач Марко Пејчиновски (19), кој има некроза на ногата, на 28 август ќе се обиде да го изведе триатлон предизвикот со трчање и возење велосипед по 42 километри и пливање 22 километри. Предизвикот, кој самиот го осмисли, го нарече „Ајронмен триатлон“ или три маратони во еден.
На 12 години во 2018, Пејчиновски го преплива Охридското Езеро. Од Свети Наум тргна во 9:30 часот, а на Градското пристаниште во Охрид пристигна околу 18 часот по испливани 25 километри. На брегот тогаш имаше околу илјада охриѓани кои го пречекаа како херој.
„Никој не ме натера да се занимавам со пливање. Но, препораката на лекарите дека најдобра терапија за некрозата во овој момент е пливањето беше мотив да почнам да пливам. Сакам да бидам здрав кога ќе пораснам“, рече тогаш Пејчиновски.
Во новиот предизвик кој самиот си го зададе, наместо стандардните 3,8 километри пливање, 180,2 километри возење велосипед и 42,2 километри трчање, Пејчиновски ќе трча 42,2 километри, ќе вози велисипед 42,2 километри и ќе плива 22,4 километри.
„Предизвикот е ‘Ајронмен триатлон’, три маратони во еден, токму поради тоа што не можам да трчам и да скокам, што ме спречува да живеам нормален живот во последниве девет години. Тоа е најисцрпувачкиот, најискушителен и најтежок триатлон. За мене е малку потешко. Ќе трчам од Свети Наум до Струга 42,2 километри, па од Струга ќе се вратам до Свети Наум со велосипед и на крајот пливање 22,4 километри до Охрид, вкупно 106,8 километри“, вели Пејчиновски, кој студира дигитален маркетинг.
„Новиот предизвик е доказ за ново утре. Мораме да се соочиме со проблемите, без разлика на болката што ни ја нанесуваат, бидејќи најголемата болка ќе дојде ако се откажеме. Предизвикот претставува токму тоа, челичен човек, бидејќи за да се успее во ваков триатлон, мора да си направен од челик. Кај мене, предизвикот е уште потежок, бидејќи е модифициран“.

„Една вечер додека лежев, по долго бегање од проблемите што ми тежеа на градите, сфатив дека повеќе немам каде да бегам и морам да се соочам со нив. Кога мислите ми се избистрија, сфатив дека морам да си поставам предизвик, и физички и психички, преку кој ќе си помогнам. И го одбрав најисцрпувачкиот. Дополнително ме мотивира фактот што за да успеам, морам да се потрудам сто пати повеќе од просечниот човек поради проблемот што го имам со ногата“, ни рече Пејчиновски.
Симболично, триатлонот ќе се одржи на 28 август, на празникот Голема Богородица и ќе нема временска граница за негово завршување.
„Целта ми е да го завршам, без разлика за колку време“, вели Пејчиновски.
М. ЏАРОВСКА