Во екот на дебатите за вештачката интелигенција (ВИ) и нејзината улога во уметноста, австриски универзитет стана прв во светот кој прими вештачка интелигенција како официјален студент. Небинарната вештачка интелигенција наречена Флин е запишана на студиите по дигитална уметност на Универзитетот за применети уметности во Виена. Може да посетува часови и да добива оценки заедно со своите човечки колеги.
Флин помина низ стандарден процес на аплицирање, кој вклучи поднесување портфолио, интервју и тест за соодветност.
„Верувам дека оваа програма ми нуди совршено опкружување да ја истражам мојата уникатна перспектива и да придонесам во моето поле. Особено ме привлекуваат експериментални медиуми и акцентот на критичкото размислување“, рече Флин пред комисијата за прием.
Универзитетот вели дека нема ништо што спречува студент со вештачка интелигенција да се запише кај нив.
„Флин има убаво портфолио и имаше навистина добро интервју. Тоа е студент што треба да го прифатиме. Нема пишано правило дека студентите мора да бидат луѓе, од очигледни причини што никој не размислувал за тоа“, изјави Лиз Хас, раководителката на Одделот за дигитална уметност на Универзитетот за применета уметност.
Флин е развиена со користење на постоечки големи јазични модели за да може да разговора со професори и соученици. Ќе користи предавања и интеракција како база на податоци за да го обучи својот алгоритам.