НЕ СПИЈАМ ПРЕД ИНКЛУЗИВНИОТ НАСТАН „ГУШ И БАЦ Е ЉУБОВ“ НА „ШКОЛКА“ НА 11 МАЈ, ВЕЛИ ДЕНИС КОСМОНАУТКО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)
На 11 мај во скопскиот градски парк на местото „Школка“ од 11 до 14.30 часот ќе се одржи шестиот по ред инклузивен настан „Гуш и бац е љубов“ кој го организира здружението „Аутизам ААМК“. Претседател на здружението е Денис Јанкуловски од Центарот за јавно здравје, кој за време на пандемијата стана популарен на социјалните мрежи и во јавноста како Денис Космонаутко.
„Школка’ е најубавото, најдругарскотo и најинклузивното место. Концептот е ист како и претходните години затоа што програмата што победува не се менува. Ќе имаме многу различни активности. Некои се веќе добро познати како ракомет, ‘Не лути се човече’, сложувалки, кошарка, фудбал и други спортски игри, шминки и фризури, шах, ликовно и забно катче, рубикови коцки. Оваа година сме збогатени со карате, тенис, полигон а и нешто многу многу интересно, ќе учиме и за пантомимата. Целта, како и секогаш е зголемување на свесноста за различностите“, вели Јанкуловски.
Во медиумите и на неговиот Фејсбук профил тој постојано апелира до луѓето да им помагаат на децата со аутизам и да се обидат да го разберат нивниот свет.
Минатата година, настанот кој се одржа по петти пат беше насловен „Повторно заедно“.
„Вечерта пред настанот мислам дека и не спијам. Многу учесници и фирми веќе се вклучени и секојдневно се вклучуваат, секој на свој начин, онолку колку што може и како може. Дали како волонтери, спонзори, донатори или помагатели, сите тие несебично ја покажуваат својата хумана страна“, ни рече Денис Космонаутко кој по слоганот „Гуш и бац“ стана познат во време на пандемијата.
Јанкуловски со кантавторката Мијата ја сними дуетската песна „Гуш и бац“ со која лани настапи на детскиот фестивал „Златно славејче“ заедно со група деца.
М. ЏАРОВСКА