Џоди Фостер вели дека преферира да биде надвор од САД во моментов, сметајќи дека во Европа има подобри услови во филмската индустрија и повеќе слобода сега кога децата ѝ се пораснати.
Двократната оскаровка гостуваше на Канскиот фестивал, каде што го промовираше својот нов филм „Приватен живот“, во кој глуми психијатарка која ја истражува смртта на своја пациентка. Таа првпат зборува на француски јазик во еден филм.
„Навистина уживам да работам надвор од САД. Сега веќе не сум толку поврзана со Америка како кога децата ми беа мали, па морав да бидам поблиску до дома“, рече 62-годишната Фостер, која пред четири години прими почесна Златна палма во Кан.
Таа ја почнала кариерата во реклами уште на тригодишната возраст, а првпат беше во Кан на 13 години, за премиерата на „Таксист“.
„Да се работи како режисер во Европа е подобро отколку во САД зашто имаш поголема креативна слобода. Мешањето жанрови, како што е случај во мојот нов филм, е многу невообичаено во САД. Студијата сакаат или комедија или трилер, не сакаат тие да се мешаат, додека во Европа режисерите имаат поголеми овластувања за такви одлуки. Затоа филмаџиите сакаат да работат тука“, кажа Фостер.
(Фото: АФП)