На 6 јуни од 19 часот, во Офицерскиот дом во Битола ќе се одржи настан со кој ќе се прослави Денот на државноста на Хрватска, во организација на Хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ“ од Битола.
Препознатливиот далматински мелос во Битола ќе го пренесат далматинската женска клапа „Виоле“ (фото) од Дрвеник и женскиот хор „Градац“ од Општина Градац, велат организаторите. Ќе се одржат и изложбата на фотографии „Хоризонти“ од авторката Блага Петрески од Сплит и настапот на учениците од Државното музичко училиште од Битола како специјални гости.
„Во изминатите години Хрватскиот културен центар од Битола воспостави соработка со сите релевантни институции од Македонија и Хрватска, беше иницијатор на неколку збратимувања со општини и КУД-ови, ги одбележа сите позначајни празници и датуми, организираше гостувања на актери, музичари, КУД-ови, групи и делегации од Македонија во Хрватска и обратно, со цел збогатување на културниот мозаик на Битола и поголема соработка на двете пријателски земји“, додаваат од Хрватскиот културен центар.
Настанот е организиран во соработка со Културно-информативниот центар во Битола, Општина Битола, Државното музичко училиште, Сплитско-далматинскиот округ и Централната канцеларија за Хрватите кои живеат надвор од Хрватска.
Ж. ЗДРАВКОВСКА