АРМАНД ДУПЛАНТИС ГО СОБОРИ СВЕТСКИОТ РЕКОРД ВО СКОК СО СТАП ПО 12. ПАТ, ПРВПАТ ВО СВОЈАТА ШВЕДСКА

Стокхолм, (Би-Би-Си)

Двократниот олимписки шампион Арманд Дуплантис го собори светскиот рекорд во скок со стап по 12. пат, прескокнувајќи 6,28 метри на митингот од Дијамантската лига во Стокхолм.

Иако роден во САД, 25-годишниот Дуплантис настапува за родната земја на мајка му, Шведска.

„Пред настапот кажав дека соборувањето на светскиот рекорд во Шведска го чувствувам како единственото нешто што ми недостига и нешто на што постојано мислам. Првпат настапив на овој стадион кога имав 11 години, беше студено и дождливо и прескокнав под четири метри. Тоа беше доста високо за мојата возраст. На овој стадион ги гравираат имињата на светските рекордери и овој рекорд ќе биде едно од најубавите сеќавања од мојата кариера“, изјави Дуплантис.

Популарниот Мондо првпат го собори светскиот рекорд во февруари 2020 во Полска, кога постигна височина од 6,17 метри, а сега го надмина својот резултат од 6,27 метри, забележан во февруари годинава во Франција.

(Фото: АФП)