ЖАЛАМ ПО УНИВЕРЗАЛНА ШТО ВЕЌЕ ЈА НЕМА, НО ВИЕ СТЕ ИСТАТА ДОБРА ПУБЛИКА, РЕЧЕ СЕРГЕЈ ЌЕТКОВИЌ НА ВЕСЕЛИОТ КОНЦЕРТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Еден од најзабавните поп концерти во Филхармонијата одржа црногорскиот кантавтор Сергеј Ќетковиќ сношти (17 јуни). Публиката беше на нозе буквално од почеток до крај.

Освен хитовите кои ги напишал во последниве 25 години, а верните фанови му ги знаат напамет, за атмосферата на концертите е заслужен самиот тој. Иако пее доста балади, тој не е статичен на сцената. Неколкупати се симна во публиката, им ги земаше телефоните на обожавателките за да им направи поинтересна снимка, им даваше да пеат, се сликаше со нив, раскажуваше вицови за Црногорците и се шегуваше имитирајќи го типичниот црногорски традиционален танц. На една од песните покани пет двојки од публиката да танцуваат на сцената додека пее.

Елена Ристеска испеа дует со Сергеј Ќетковиќ и еден свој хит (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Елена Ристеска беше одличен избор за гостинка, а се појави како изненадување на „Прстен на маса“ (Прстен на сто). Во сите поголеми градови од поранешна Југославија Сергеј ја пее оваа песна во дует со популарни пејачки, како Јелена Томашевиќ, Нина Бадриќ и Александра Радовиќ, а Ристеска беше македонски избор.

„Ти благодарам драга Елена што секогаш ме поддржуваш, што си другар и брат. Ја молев да ја испее песната која многу ја сакам, ‘Доживотно‘“, рече пејачот.

При крајот, кога публиката го врати на бис, ја спомена и Универзалната сала, во која одржа концерти во април 2010.

„Жалам по Универзална што веќе ја нема, но оваа атмосфера е иста како на тие концерти. Немам зборови за ваква публика“, рече кантавторот.

Фото: К. Попов

Ќетковиќ (49) кариерата ја почна на крајот од 1990-тите, а стана многу популарен во 2005 со песната „Погледи во темнината“ (Погледи у тами). Тој не е еден од оние пејачи кои македонската публика ги знае од поранешна Југославија, неговите песни станаа популарни во регионот преку Јутјуб, а во поново време преку социјалните мрежи. Сергеј Ќетковиќ ја гради кариерата со добра авторска музика и имиџ, а публиката го препознава тоа.

Сергеј и неговата сопруга Кристина, со која е во брак 26 години, во 2010 ја посвоија ќерката Мила, а во 2012 и Лола. Потоа им ја посветија анимираната едукативна детска серија „Лола и Мила“, која тие ја продуцираа.

Вечерва (18 јуни), тој ќе одржи уште еден концерт во истата сала, во организација на „Евентум“.

М. ЏАРОВСКА

Фото: К. ПОПОВ