ОЛИВЕР МАНДИЌ ДОАЃА НА ОХРИД ФЕСТ ВО АВГУСТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Српскиот кантавтор Оливер Мандиќ ќе биде гостин на фестивалот Охрид фест-Охридски трубадури, на интернационалната вечер, која ќе се одржи на 30 август на сцената на Долни Сарај. Мандиќ ќе добие награда за трајни вредности и ќе настапи со неговиот прв голем хит „Питају ме, питају“, песна со која победи на фестивалот МЕСАМ во Белград во 1984.

„Минатата година си размислував дека поминале 40 години откако се појавив на МЕСАМ со оваа песна. Не сум човек кој брои години, ниту слави јубилеи, но ете, има некоја важна симболика. Григор Копров уште лани ме покани во Охрид да го прославам овој јубилеј. Жал ми е што не можев да дојдам, а годинава го потврдив учеството со задоволство, и покрај здравствените проблеми. Веројатно сте слушнале дека во март имав тешка операција на рбетот, но среќа е што помина успешно и се радувам што доаѓам во Охрид“, вели Мандиќ.

Тој се присети дека во Охрид последно настапил пред повеќе од 30 години, а во Скопје во 2010.

„Не сум настапил во Охрид повеќе од 30 години, беше тоа еден убав настап во клуб на почетокот на 1990-тите. А, во Скопје, заедно со моите драги пријатели браќата Тавитјан снимивме песна посветена на Тоше, која ја пеевме јас и Беби Дол на концертот во чест на неговиот роденден во 2010. Јасно се сеќавам на таа полна сала и на тоа како луѓето од прва ја прифатија песната“, рече Мандиќ.

На истиот концерт насловен „Со хуманост до светлината“ во чест на Тоше настапија и Аки Рахимовски, Калиопи, Борис Новковиќ, Бојан Маровиќ, Јелена Томашевиќ, Тони Цетински, Елена Ристеска и други.

Охрид фест-Охридски трубадури почнува на 29 август со фолк вечерта, а следниот ден е интернационалната вечер. Сузана Спасовска, Бојана Скендеровски, Сашо Гигов-Гиш, Ана Петановска, Нино Величковски, Благоја Грујовски, Бојан Маровиќ и српскиот евровизиски претставник Принц од Врање се меѓу пејачите кои ќе настапат на 32. издание на фестивалот.

М. ЏАРОВСКА

Фото: Јутјуб принтксрин