Петнаесетмина уметници ќе земат учество во изложбата „Скопски урбани приказни“, што ќе се одржи утре (1 јули) низ центарот на градот во организација на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Изложбата е дел од Скопско културно лето.
Кураторка на изложбата е Ана Франговска, која го осмисли концептот „Скопје: сензорен град“. Изложбата овозможува прикажување на уметнички дела на отворен, нетрадиционален простор, со што поттикнува активен и партиципативен однос на публиката.
„Во пет плус една сензорни зони: слух, вид, допир, мирис, движење и имагинација, уметниците создаваат интерактивни, сензуални и поетски простори кои го преиспитуваат начинот на кој го чувствуваме и паметиме Скопје. Од звучни пејзажи до допирливи скулптури, од мирисни архиви до хибридни видеа, секој дел од оваа поставка е покана за интимна, телесна, а понекогаш и политичка реакција“, стои во најавата на изложбата.
Учествуваат: Игор Сековски, Борис Шемов, Гордана Вренцоска, Гоце Наневски, Роберт Јанкулоски, Моника Мотеска, Ана В’чкова, Дијана Томиќ, Славица Јанешлиева, Ѓорѓе Јовановиќ, Тања Ристевска, Борче Богоевски, Марија Сотировска, како и гостите Лучезар Бојаџиев од Бугарија и Светлана Волиц од Србија.