„ОЕЈЗИС“ СЕ ВРАТИЈА НА СЦЕНА ПО 16 ГОДИНИ И ИМ СЕ ИЗВИНИЈА НА ФАНОВИТЕ ШТО ЧЕКАА ТОЛКУ ДОЛГО

Лондон, (Би-Би-Си)

Тоа беше моментот што фановите го чекаа 16 години, поточно 5.795 дена.

Најголемите ѕвезди од ерата на бритпопот „Оејзис“ синоќа ја почнаа својата повратничка турнеја со концертот на стадионот „Принсипалити“ во Кардиф, при што Лијам Галагер им се извини на фановите што толку долго го чекале обединувањето.

Здраво на сите, помина многу време. Убаво е што се вративме“, кажа тој пред 70.000 фанови.

Почнувајќи со песната „Hello“ од нивниот втор албум, бендот звучеше освежено и подмладено, свирајќи класици како „Cigarettes and Alcohol“, „Live Forever“ и „Slide Away“.

„Оејзис“ свиреа пред 70.000 фанови на стадионот „Принсипалити“ во Кардиф

Ова беше првиот концерт на „Оејзис“ од 2009, кога Ноел Галагер драматично го напушти бендот по караница со Лијам на фестивал близу Париз. Браќата Галагер, кои сега имаат 58 и 52 години, оттогаш не настапувале заедно и долго време се спротивставуваа на притисокот за обединување, дури и со ветување за мултимилионска премија, иако Лијам беше поотворен за идејата.

Иако браќата меѓусебно не се шегуваа на сцената во текот на целиот настап, тие на кратко се поздравија и малку се прегрнаа по последната од 23-те песни.

На првиот дел од турнејата „Оејзис“ ќе имаат 18 настапи во Велика Британија и Ирска, по што ќе одат во Северна Америка, Јужна Америка, Азија и Австралија.

(Фото: Гети)